Советот на Општина Прилеп, чија седница се пренесуваше за првпат во живо, денеска го усвои буџетот за 2022 година, кој ќе тежи една милијарда и четиристотини дванаесет милиони денари. Предлог-буџетот го образложи градоначалникот на Општина Прилеп Борче Јовчески кој напомена дека правната рамка од која се водел предлагачот при
неговото изготвување биле Законот за буџети и на Законот за финансирање на ЕЛС.
– Вкупните приходи во предлог-буџетот на Општина Прилеп за 2022 година се проектираат на приближно една милијарда и четиристотини дванаесет милиони денари
денари, што во споредба со буџетот за годинава бележат пад за 11,22 проценти. Најголемо е учеството на приходите од дотациите со планиран вкупен износ 761,8 милиони денари, потоа на даночните приходи со 249,2 милиони денари, капиталните приходи со 138,8 милиони денари, неданочните приходи со 93,4 милиони денари, трансферите со 130,8 милиони денари, приходи од донации со учество од 34,2 милиони денари и пренесени вишоци (депозит) со 3,5 милиони денари. Приходите на Основниот Буџет за 2022 година кој што се проектирани во износ од 528 милиони денари во споредба со Буџетот за 2021 година, (со ребалансот проектиран на износ од 634 милиони денари) покажуваат намалување за 106 милиони денари, односно 16,7%. Планираните приходи во билансот на приходи на основниот буџет се базираат врз приходите по основ на даноците од персонален данок во планиран износ од 15 милиони денари, даноците на имот во планиран износ од 95,5 милиони денари, кое го базираме врз данокот на промет на недвижности и права и облогот од данок на имот од правни и физички лица, даноците на специфични услуги во планиран износ од 125,6 милиони денари, базирано врз надоместокот за уредување на градежното земјиште, комуналната такса за одржување на јавното осветлување, комуналната такса за фирмарина, комуналната такса за користење на простор пред деловни простории, такси за користење и дозволи за вршење дејност во планиран износ од 12,9 милиони денари, кое го базираме врз надоместокот за одржување на јавна чистота, неданочните приходи во планиран износ од 9,2 милиони денари, кое го базираме врз административните такси за списи и дејствија кај органите на општината, премиите од
каско осигурување, неданочните приходи и приходите од закупнина на општински имот.
Капиталните приходи во планиран износ од 138,8 милиони денари, кое го базираме врз
приходите од приходи од продажба на градежно неизградено земјиште,приходи од
продажба на општински имот, приходи од концесиски надоместоци, надомест за
утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти и приходи од закуп на
земјоделско земјиште. Трансфери и донаци во планиран износ од 130,8 милиони денари, кое го базираме врз дотација на општината од приходи од ДДВ, трансфери од Јавното претпријатие за патишта на РМ и трансфери од Агенцијата за финансиска подршка во земјоделието и руралниот развој – рече градоначалникот Борче Јовчески, потенцирајќи дека при проектирањето на буџетот, не се раководеле од зголемување на постојните даночни оптоварувања, туку бил резултат на напорите што ќе ги прави општинската администрација преку зголемено ангажирање да оствари оптимално ниво, а притоа планираните приходи не преставуваат дополнително даночно задолжување за даночните обврзници.
Во буџетот за 2022 за финансирање на основното и средното образованието, се планираат расходи во вкупен износ од 679 милиони денари, за финансирање на социјална заштита на деца и стари лица 137 милиони денари, за финансирање на Градска библиотека 12,6 милиони денари и за финансирање на противпожарната заштита – 30 милиони денари. Билансот на расходи на основниот буџет за 2022 година, проектиран е во износ од 528 милиони денари. Со учеството на капиталните расходи во износ од 207 милиони денари или 39,27 отсто, Основниот Буџетот за 2022 година има развоен карактер, потенцира градоначалникот Јовчески.
Од капитални проекти и програми приоритет имаат изградбата и реконструкцијата на улици и локални патишта на територија на Општина Прилеп (124 милиони денари), изградбата и реконструкцијата на тротоари и пешачки патеки; за зимско одржување и заштита и за одржување на хоризонтална и вертикална сигнализација на патишта на територијата на Општина Прилеп. Вкупно 44,4 милиони денари ќе бидат за доизградба на градинката во населба Точила, 12 милиони денари за одржување на јавната чистота, 35,8 милиони денари за изградба, реконструкција и одржување на Јавното осветлување и трошоци за потрошена електрична енергија, 26 милиони денари наменети се за урбанистичко планирање, 7,5 милиони денари за набавката на автобуси за градски превоз, 13,6 милиони денари за изградба на системи за водоснабдување, фекална и атмосферска канализација, 5,3 милиони денари за изработка на проектна документација од нискоградба и високоградба за потребите на Општината, 6 милиони денари за завршни работи на деловниот простор на Градски стадион. За подршка на спортот и физичката култура планирани се 5 милиони денари, а за поддршка на културните манифестации планирани се 4,5 милиони.
На седницата беше изгласана одлуката и за утврдување на вредноста на бодот за платите на административните службеници за 2022 година и одлуката за определување на висината на благајничкиот максимум.
На денешната седница советниците ги усвоија програмите за субвенционирање на јавните комунални претпријатија и на месечните трошоци за вода на социјално ранливите категории на граѓани за 2022 година. Се усвои и буџетскиот календар, програмата за доделување на еднократна парична помош, на секое семејство за новородено дете во Општина Прилеп за 2022 година и заклучок по колективен договор за вработените во Општина Прилеп. Советниците ја усвоија и програмата за работа и развој со инвестициони вложувања и Финансиски план на ЈКП „Водовод и канализација’’- Прилеп за 2022 година, како и одлуката за давање на согласнот на одлуката за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на плата.
На оваа седница поминаа и финансиските планови на јавните претпријатија. Ка.М.