Она што најмногу го посакуваа припадниците на ТППЕ Кичево и локалните жители ноќеска се оствари, па благодарение на врнежите од дожд, изгаснат е пожарот кој во неделата избувна во атарот на село Големо Црско и со голема брзина се доближуваше до селските куќи.
-Дождот кој најмногу го посакувавме во овие три дена конечно заврна и во голема мера помогна да се изгаси пожарот во регионот на село Големо Црско, кичевско. Ниту Ер тракторите, ниту полицискиот хеликоптер, ни противпожарните возила, не можеа да завршат толкава работа, колку што тоа го направи дождот кој во текот на ноќта заврна во регионот на Големо Црско. Дождот речиси целосно го изгасна огнот и од огнената стихија преостанаа само мали површини на кои имаше зафатени постари букови стебла кои догоруваа. Последната информација од терен потврдува дека пожарот е целосно ликвидиран – истакна Јордан Милошески од ТППЕ Кичево.
З.А