По повод прославата на заштитникот на францускиот град Епинал – Свети Никола, делегација на Општина Битола, предводена од претседеталката на Советот, Габриела Илиевска, престојуваше во збратимениот град Епинал.
Соработката помеѓу Битола и Епинал, трае 54 години, од збратимувањето на Битола и Епинал во 1968 година, а истата сѐ повеќе се зголемува и со тоа што Битола е град во кој се промовира француската и франкофонските култури.
Една од најзначајните области во кои се соработуваше во изминатиот период е противпожарната заштита, во која Епинал беше присутен низ годините со обука на битолските пожарникари, кога во Битола се примени и повеќе донации во опрема и возила. Како резултат на тоа, постигнато е зајакнување на капацитетите на територијалната противпожарна единица од Битола, а воспоставена е и соработка со Епинал во реализација на обуки за хортикултурно уредување на јавните површини, што денес е меѓу приоритетите на локалната самоуправа.
Реализирани се повеќе културни размени меѓу двата градови, а една од последните е заедничката поддршка на Епинал и Битола во реализацијата на Фестивалот на малата школа за краток филм, организиран од француската асоцијација АЈ АЈ ВОО, наменет за школската публика, чие второ издание се одржа во Битола од 31 октомври до 4 ноември, каде учествуваа околу 500 деца од Битола и околните села.
За време на посетата, беше договорена соработка, особено во преносот на искуства и добри практики во делот на подобрувањето на урбаната мобилност, енергетската транзиција и други прашања поврзани со комуналната сфера.
Претставниците на Битола и Епинал разговараа и за идната соработка, за која се надеваат ќе започне со проектот за културно наследство, фестивали и туризам за одржлив развој, а чија цел е да изгради мостови на соработка меѓу градовите Битола во Македонија, Ниш во Србија и Епинал во Франција.

М.М.