Штабот за заштита и спасување на општина Битола денеска одржа работен состанок за преземање на итни мерки за намалување на аерозагадувањето и помош на граѓаните. На состанокот кој го водеше градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, а присуствуваа и Претседателката на Советот Габриела Илиевска и претставници на јавните претпријатија, здравствените институции од градот, СВР Битола и општинската организација на Црвениот крст, беа договорени следните мерки:
-Бесплатен превоз за граѓаните на општина Битола до Ски-центар „Нижеполе“ во среда, четврток и петок, со време на поаѓање во 9, 11 и 13 часот на следните две линии: прва линија со поаѓање од Автобуска станица – Спортска сала „Боро Чурлевски“ – улица „Партизанска“ – улица „Васко Карангелевски“ – Ружа Делчева – Лавчанска населба -Брусничка населба – Нижеполе; втората линија ќе поаѓа од Ат пазар – Бела Чешма – Шехерезада – „Булевар 1 Мај“ – Довлеџик – Нижеполе
-Во соработка со СВР Битола, ќе се спроведуваат зголемени контроли и пренасочување на тешките товарни возила, со цел да се спречи нивно влегување во градот, како и да се овозможи побрз проток на клучни раскрсници и тесни грла во градот,
-Општинскиот инспекторат и СВР Битола со свои екипи, ќе вршат зголемени контроли на терен, на начинот на работа и загревање на приватните капацитети и домаќинствата
-Со претходно побарана помош преку јавување на телефонскиот број 047236019, тимови на ОО Црвен крст, ќе вршат достава на храна и лекови на хронично болни и изнемоштени лица
-Се препорачува и носење на заштитни маски, за што во соработка со ОО Црвен крст, ќе бидат поставени пунктови за бесплатно делење на маски во Новиот пазар, градскиот пазар и на Широк Сокак
– Согласно временските услови, јавните претпријатија „Комуналец“ и „Водовод“, ќе вршат почесто миење на улиците во градот.
Општина Битола, апелира до граѓаните да ги почитуваат и обврските преземени со добиените субвенционирања од општината за набавка на инвертер клима-уреди.
Покрај, наведените мерки и активности, до граѓаните, остануваат и препораките на Министерството за животна средина и просторно планирање, кои вклучуваат: да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума или било кој друг синтатички материјал и правилно да се користат печките на дрва.
Исто така, да се почитуваат и препораките на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, кои вклучуваат: да се ограничи движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцево садовен систем, со посебен ризик за болните од белодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот. Покрај ова, се препорачува земање на витамини (антиоксиданси), главно преку исхраната (свеж сезонски зеленчук и овошје), по потреба и додатоци односно суплементи, а хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапиија од матичните лекари и да се придржуваат до препорачаниот диететски режим со намален внес на масна и солена храна.