фото: Зоран Антоски

По осми пат денес во Кичево се одржа Бадникова поворка на која зедоа учество над 500 дечиња од градот, а убавото време измами голем број граѓани кои излегоа по улиците за да ја поздрават поворката. Бадниковата поворка своето патешествие го започна од црковниот храм „Свети Петар и Павле“ и со Исусовата пештера на чело, пеејќи ја бадниковата песна „Вечниот Бог“, децата-учесници во поворката направија обиколка на дел од градот, попатно поминаа и пред општинската зграда, а своето патешествие го завршија во црковниот храм од каде и тргнаа и каде им беа подарени пакетчиња донирани од успешни компании и поединци од градот.

фото: Зоран Антоски

– Годинава по осми пат организираме Бадников поворка, по двегодишна пауза поради ковид пандемијата. За годинешната поворка децата во пет наврати во црковната трпезарија ја подучуваа песната „Вечниот Бог“ и така добро извежбани и весели, ја изодеа планираната маршута. Бројното присуство на граѓаните на Кичево на улиците и срдечноста со која е прифатена оваа црковна традиција, се најдобра потврда дека Бадниковата поворка има сѐ повеќе и повеќе приврзаници во нашиот град – истакна Бошко Сарафилоски, верник и еден од зачетниците на Бадниковата поворка.

Граѓаните беа презадоволни што оваа традиција се возобновува и во нивниот град.

фото: Зоран Антоски

– Убава е глетката што денес ја имавме во нашиот град, кога голем број дечиња беа дел од Бадниковата поворка. Традициите треба да се негуваа и омасовува и на тој начин вечно ќе живее – вели Јован Цветаноски, пензионер.

На повеќе места децата подзастануваа да се почастат со продуктите кои за нив ги подготвиле и намениле дарежливите граѓани верници.

З.А.