„100 раритети на руската државност” е изложбата што ќе биде отворена денес на пладне во изложбениот салон на ЦК „Марко Цепенков“- Прилеп.

Се работи за уникатна збирка на документи, претставени на 36 паноа, кои го отсликуваат најзначајните периоди на историјата на Русија за повеќе од илјада години, поточно од 11 до 21 век.
Изложбата ќе ја отворат Рубинчо Белчески, директор на ЦК „Марко Цепенков“, Н.Е. Сергеј Баздникин – амбасадор на Руската федерација во земјата и Илија Јованоски, градоначалник на општина Прилеп.
– Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со документарните раритети како што е настарата руска ракописна книга „Остромирово Евангелие“, првиот руски законик „Руска правда“, Родословот на московските кнезови од 17 век, документи потпишани од Ленин и Сталин, документите за формирањето на СССР и неговото прекинување, се до Федералниот уставен закон од март 2014 година за прифаќање на Република Крим и градот Севастопол во состав на Руската федерација – велат од ЦК „Марко Цепенков“.
Изложбата Центарот ја реализира со Амбасадата на Руската федерација во рамките на добрата соработка која трае долги години.

Ка.М.