Решавањето на проблемот со органскиот отпад особено ќе ги израдува битолчани, а и жителите на Новаци, кои во последните неколку години се жалат на загадениот воздух што го дишат, а во што значајна улога имаше и органскиот отпад што се складира на разни диви депонии низ Битола
Справувањето и ослободувањето од органскиот отпад со години беа еден од најсериозните и најгорливи проблеми со кои се соочуваше Битола. Кога се мислеше дека со изградбата на импровизираната печка за уништување на органскиот отпад кај селото Логоварди ќе се надмине овој проблем, сепак поради огромното загадување што го предизвикуваше печката за уништување на отпадот, импровизираната депонија беше набргу затворена. Сега, неколку години подоцна, се чини дека проблемот би можел да се реши.
Имено, деновиве во Битола беше промовиран проектот за управување и уништување на органскиот отпад. Проектот е во рамките на програмата за прекугранична соработка, а во наредните две години заеднички ќе го реализираат општината Битола и Кожани од соседна Грција. Ќе „тежи“ околу 900.000 евра, или поточно 898.853 евра, а заеднички ќе го реализираат јавното претпријатие „Комуналец“, „Комунална хигиена“ од Новаци и движењето за заштита на животната средина „Молика“ од Битола. Од грчката страна, партнери во проектот ќе бидат „Диадима С.А.“ од Кожани, центарот за иновација и култура „Инополис“ и Националниот технички универзитет од Атина. Од вкупниот буџет, 482.086 евра се наменети за Битола, а преостанатите 416.767 евра се за грчките партнери.
– Со овој проект ќе се подобри локалната политика на управување со приливот на биоотпад во согласност со насоките и политиката на ЕУ за намалување на овој отпад, кој сега се остава во депониите и негово подобро искористување за други намени – уверува Панде Богоевски, директор на ЈП „Комуналец“ од Битола.
Националниот технички универзитет од Атина треба да направи платформа за тргување со биоотпадот. Преку платформата ќе се информираат компаниите што произведуваат и компаниите што имаат потреба да го купат биоотпадот.
Решавањето на проблемот со органскиот отпад особено ќе ги израдува битолчани, а и жителите од Новаци, кои во последните неколку години се жалат на загадениот воздух што го дишат, а во што значајна улога имаше и органскиот отпад што се складираше на разни диви депонии низ Битола.
– Имплементацијата на овој проект се случува во исклучително важен момент и за Грција и за Македонија, кога се покажа дека Македонија и Грција можат да направат повеќе. Овој проект потврдува дека грижата за подобра и почиста животна средина е заедничка и кога станува збор за решавањето на овој проблем не постојат граници. Со овој проект и неговата имплементација ќе добиеме современ третман на органскиот отпад, кој ќе даде свој ефект во локалните економии. Верувам дека ова е само почеток на успешна соработка на Битола со Грција и дека во следниот период ќе има максимално искористување на ИПА-фондовите во корист на населението – вели Наташа Петровска, градоначалничка на Битола.
Проектот за справување со органскиот отпад е насловен „Симбиотички мрежи за одржливо управување со отпад“, кој се имплементира во рамките на ИПА-програмата за прекугранична соработка меѓу Република Грција и Република Македонија 2014-2020.