Наскоро целосно ќе се санира и реновира чешмата кај Офицерскиот дом во Битола. Реновирањето ќе се изврши со средства на „Ротари клуб“ Битола. Денеска тоа го договорија клубот и Општина Битола, кои потпишаа договор за донација и комплетна санација на чешмата во комплексот „Офицерски дом“ Битола.

На санацијата ѝ претходи изработка на основен проект, по кој е издадено конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културно наследство, согласно одлуката донесена од страна на Советот на Општина Битола.

Договорот беше потпишан од страна на градоначалничката Наташа Петровска во име на Општина Битола и од Никола Главинче, претседател на „Ротари клуб“ Битола.

М.М.