ЃОРЧЕ ПЕТРОВ
Владата обезбеди финансиска поддршка од Светска банка за подобрување на локалната патна мрежа и на условите за живеење во општините. За реконструкција на постојната локална патна инфраструктура (урбаните/руралните улици, регионалните и локалните патишта), пешачките патеки, уличното осветлување, одводнувањето и градењето на капацитетите на општинскиот персонал, е обезбедена инвестиција од 70 милиони евра и надлежен орган за искористување на средствата е Министерството за транспорт и врски (МТВр), односно преку Единица за имплементација на проектот (ЕИП) со спроведување на Проектот за поврзување на локалните патишта.
– Преку овој проект Општина Ѓорче Петров доби пари за обнова на улицата Антон Кецкаров и дел од Пекљане во населбата Даме Груев, и улицата Кузман Шапкарев во населба Дексион. Вклучувањето и континуираната интеракција со различните групи засегнати и заинтересирани страни е клучно за зголемување на прифаќањето на планираните мерки и активности и за нивно успешно спроведување.
Целта на процесот на информирање и консултација е да се извести јавноста за планираната реконструкција на погоренаведените улици во Општина Ѓорче Петров, и да се добие повратна информација од претставниците на локалната самоуправа, жителите, а особено од засегнатите и заинтересирани страни, нивните потреби, гледишта и мислења поврзани со проектот – информираат во Општината.
Оттаму додаваат дека заинтересираните засегнатите страни ќе може да ја искористат постапката за жалби и поплаки и активно да учествуваат при реализација на проектот.
– Образецот за жалби и поплаки ќе биде достапен во електронска форма на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски и на официјалната веб-страница на Општина Ѓорче Петров. Образецот за жалби и поплаки што може да се користи при изведување на градежните работи е подготвен за локалното население – информираат оттаму.