Со активностите што ги реализира општината Битола, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, градот наскоро ќе добие три нови детски градинки. Тие ќе можат да примат 500 деца. Едната од нив ќе биде лоцирана во просторот на поранешниот дом за доенчиња и мали деца.
– Во новата детска градинка, во поранешниот дом за доенчиња и мали деца, ќе може да престојуваат и да бидат згрижени околу 80 деца. Во соработка со Министерството за труд и социјална политика во Битола ќе отвориме и други две нови детски градинки, едната ќе биде во просторот на поранешната битолска касарна, а втората ќе биде лоцирана спроти ОУ „Св. Климент Охридски“. Со трите нови детски градинки во Битола ќе се обезбедат услови за сместување на околу 500 деца – вели заменик-градоначалничката на општината Битола Емилија Костурски.
Таа потсетува дека во последниве две години општината Битола изгради нова детска градинка во населеното место Кравари, отворени се три занимални во исто толку општински детски градинки, а по 45 години заборав, во Битола е извршена замена на покривот на детската градинка „Пролет“. Опремени се главните кујни на детските градинки во градот.
Од општината Битола информираат дека дополнителната заменик-министерка во Министерството за труд и социјална политика Санела Шкриељ, информирала за процесот на деинституционализацијата. Таа нагласила дека тој помага во сите сфери на општеството бидејќи од една страна обезбедува топла семејна грижа за секое дете, вклучувајќи ги и децата без родителска грижа, а самиот развој на вакви услуги на локално ниво според неа значи креирање нови работни места.
– Објектот е веќе поделен во два дела, односно еден дел од просторот ќе прерасне во современ центар за поддршка на згрижувачки семејства, а во другиот дел ќе има општинска детска градинка. Интензивно работиме на процесот на деинституционализација и го финализираме процесот на трансформација на Домот за доенчиња и деца без родители во Битола. Нема грижа како семејната и секое дете заслужува да расте во топла атмосфера најблиска до семејната и токму затоа е потребата нова современа услуга предвидена со новиот закон за социјална заштита, која ќе се обезбеди во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства – истакнува Шкриељ.