KИЧЕВО
За да се стабилизира водоснабдувањето, јавното претпријатие „Студенчица“ од Кичево пронаоѓа нови извори на вода за пиење во поширокото подрачје од изворот на реката Студенчица, од каде што со вода за пиење се снабдуваат над 160 илјади жители од седум општини од југозападниот дел на земјава.
– За потребите на новите истражувања изготвен е проект за пронаоѓање нови извори на вода за пиење, кои ќе се вклучат во постојниот водоснабдувачки систем, со што ќе се подобри водоснабдувањето на населението и ќе се стабилизира штедроста на изворот, независно дали е суша или е врнежливо време. Проектот го реализира компанијата „Геинг“ од Скопје – рече Гоце Накески од претпријатието.
Дека овие истражувања даваат резултати, потврда е тоа што има новооткриени извори, за кои останува истражувањата да потврдат дали се целосно нови извори или се можеби дел од изворите на поширокиот регион на Студенчица, кои понираат и потоа повторно излегуваат на површина.
– Во првиот дел од втората фаза на овој проект, потврдено е постоење на нови извори со капацитет од 30 до 40 литри вода во секунда.
Останува да се потврди дали се тоа целосно нови извори или се можеби извори што се дел од поширокиот изворишен дел на Студенчица, од каде што овие извори можеби час понираат, час излегуваат на површината и затоа наскоро очекуваме да се потврди за што фактички се работи и да се отстрани оваа дилема – додаде Накески.
Покрај овој извор со штедрост од 40 литри, дополнително се пронајдени и нови извори со поголема штедрост, оддалечени околу четири километри од каптажата на Студенчица.
– Во рамките на овој проект се наоѓа и изворот пронајден на четири км од каптажата на Студенчица со капацитет од 50 литри вода во секунда. Овој извор се наоѓа во тешко пристапен терен, што е и главниот проблем за негова експлоатација. Изворот е кон планината Фрлогоец, каде што и пеш беше тешко да се стигне, а камоли да се постави цевковод. Какви одговори ќе добиеме од овие истражувања ќе покажат наредните десетина месеци, бидејќи проектот целосно треба да се реализира до крајот на оваа календарска година – заврши Накески.