КАРПОШ
Советниците од Карпош ја поддржаа предлог-програмата за изградба на затворен базен за пливање, кој ќе биде лоциран во состав на спортскиот комплекс „Партизан“, во населбата Карпош 4. Проектот, кој го изработија планерите од „Билд урбан“ – Скопје, предвидува базенот да зафаќа површина од 641 квадратен метар, а ќе се наоѓа во непосредна близина на објектот за спорт и рекреација, со површина од 1.617 квадратни метри. Комплексот ќе содржи и игралиште од 461 квадратен метар, поплочени површини од 1.742 квадратни метри, а целиот простор ќе се протега на уредено зеленило од 4.151 квадратен метар. Теренот е приспособен да овозможи и пристап за лица со попреченост, а проектот ќе го финансира Агенцијата за млади и спорт.
Во рамките на денешната 55. седница, советниците ја прифатија донацијата од „СЦМ Ретаил“ – Скопје, во вредност од 31.535.000 денари, со која се планира изградба на зелена зона – урбан јавен простор пред трговскиот центар „Скопје сити мол“. Јавниот парк, кој ќе се простира на површина од околу 865 квадратни метри, подразбира хортикултурно уредување, засадување тревни површини и разни насади, поставување клупи, елементи на детско игралиште и урбана опрема.
Поттикнати од стратегијата на Општина Карпош за развој на своите периферни делови, советниците го изгласаа и Деталниот урбанистички план за Градска четврт ССИ 03, блок ССИ 03.02 (кај касарната „Илинден“). Конкретниот ДУП опфаќа површина од 34,831 хектари и е дефиниран на север, помеѓу магистралната улица Словенија, на исток се движи по оската на новопланираните сервисни улици 1804 и 1811. На југ и запад се протега низ транзитниот булевар Никола Карев.