Со цел да се намали бројот на деца кои чекаат за прием во детските градинки, Општина Битола превзема низа конкретни мерки, меѓу кои и изградба на нова детска градинка во населбата АРМ, во Касарната.

Проектот детска градинка во АРМ зафаќа површина на градежна парцела од 2.189 м2, додека површината на градба, предвидена за објектот детска градинка П+1, ќе зафаќа 1.618 м2.

Според информации од локалната самоуправа на Битола во тек е постапка за јавна набавка за изработка на основен проект за изградба на детска градинка ГП 15.3 во АРМ чет.2 во Битола согласно ДУП и согласно проектната програма.

Комисијата е во фаза на евалуација на пристигнатите понуди за изработка на основен проект за изградба на детска градинка. По изборот, Општина Битола ќе склучи договор за изработка на основниот проект.

Целосната проектна документација ќе биде одобрена од страна на Министерството за труд и социјална политика, кое го дава Решението за функционирање на градинката. Со оглед на постојаниот пораст на бројот на деца, чии родители сакаат нивно згрижување во градинките, Општина Битола работи и на можностите за проширување на постоечките капацитети на градинките, а конкурира и на проекти за нови објекти наменети за детски градинки.

М.М.