ГЕВГЕЛИЈА

Проектот „Изградба на ветерен парк во Миравци“ влезе во приоритетната листа на поддржани проекти утврдена од Владата, за изградба на енергетски системи со обновливи извори на енергија.
– Со потпишувањето на договорот за доделување грант во висина од 2,4 милиони евра од „Програмата за обновливи извори“ за поттикнување на енергетската транзиција, од јаглен кон обновливи извори на енергија помеѓу Електрани на Македонија и германската банка за развој банка КФВ, се поддржуваат пет проекти, за кои доделените средства ќе се искористат за изработка на технички студии и документи. Грант-средствата овозможуваат дополнителни 80,5 милиони евра евтини кредити за изградба на енергетски објекти – велат во Општината.
Со средствата од грантот се поддржани и фотоволтаични електрани во РЕК Битола со капацитет поголем од 140 мегавати, рехабилитација на трета фаза на големите хидроцентрали, изградба на нов ветерен парк во Миравци, модернизација и надградба на комплексот Енергетика во Гази Баба, и соларна топлификација во Битола.
– Со имплементацијата на овие енергетски проекти би се зголемило производството на електрична енергија за околу 650 гигават-часа, со што ќе се обезбедат дополнителни економски и еколошки бенефиции. Целта е да се забрза темпото кон енергетската транзиција за почисто производство на електрична енергија, што повеќе да се користат обновливи извори на енергија, а јагленот да се замени со природен гас и да се намалат јаглеродните емисии на долгорочен план – додаваат во Општина Гевгелија.