Со средства на јапонската влада целосно е реновирано основното училипште „Браќа Миладиновци“ во селото Добрушево, општина Могила. Проектот за реновирање на основното училиште се изведе преку целосна реконструкција со поставување нови прозорци, врати, покрив, одвод и нов систем за греење. Вкупната вредност на проектот изнесуваше 54.325 евра.
Со реализацијата на овој проект во голема мера ќе се подобрат условите за учење и изведување настава во основното училиште „Браќа Миладиновци“. Училиштето денеска беше свечено дадено во употреба, а на овој свечен настан присуствуваа заменик шефот на Мисијата на Амбасадата на Јапонија, Такахаши Сатору и градоначалничката
на Општина Могила Јасмина Гулевска.
Во име на јапонскиот народ, Н.Е. Такахаши Сатору изрази благодарност за поддршката на граѓаните на Могила кон пријателството помеѓу Јапонија и Могила. Тој изјави дека јапонскиот народ е многу среќен за сите граѓани на Општина Могила кои ќе имаат бенефит од овој проект.
Преку програмата за мали грантови (ГГП), Јапонија финансира проекти за реновирање и обезбедување опрема за повеќе од 70 училишта и 47 здравствени установи и обезбеди 31 возило за одржување и комунални возила за 49 општини. М.М.