ГЕВГЕЛИЈА

Oпштина Гевгелија објави продажба на градежни парцели во сопственост на Македонија од кои 10 за домување во станбени куќи и една за домување во станбени згради. Од 10-те градежни парцели за домување во станбени куќи, пет парцели се наоѓаат на местото Моински Пат, на површина од 292 до 424 квадратни метри, а преостанатите пет се наоѓаат на местото Караорман, на површина од 319 до 537 квадратни метри.
– Градежната парцела наменета за домување во станбени згради се наоѓа на м.в. Моински Пат, на површина од 1.454 квадратни метри. Почетната цена по квадратен метар за парцелите за домување во станбени куќи изнесува 61 денар, а за парцелата за домување во станбени згради – 2.570 денари. Продажбата на градежните парцели ќе се одвива по пат на електронско јавно наддавање. Заинтересираните правни и физички лица треба да ги достават пријавите за учество на јавното наддавање по електронски пат на следната интернет-страница: www.gradezno-zemjiste.mk, и тоа за градежните парцели за домување во станбени куќи заврши на 18 мај, а за градежната парцела за домување во станбени згради до 31 мај – информираат во Општината.
Оттаму додаваат дека јавното наддавање за градежните парцели за домување во станбени куќи ќе се одржи електронски на следната интернет-страна www.gradezno-zemjiste.mk, на 20 мај, 2021 година, почнувајќи од 9 до 13.30 часот, по 15 мин. за секоја градежна парцела. Јавното наддавање за градежната парцела за домување во станбени згради ќе се одржи по електронски пат, на истата интернет-страница, на 2 јуни, 2021 година, со почеток во 9 часот.
– Повеќе информации за целата постапка можат да се најдат на официјалната веб-страница на Општина Гевгелија – додаваат општинарите.