БИТОЛА

Додека во изминатиот период националниот парк Пелистер главно своите приходи ги остваруваше од сечење и продажба на огревно дрво, од неодамна, откако на чело на НП Пелистер е Осман Шукриу, ставено е крај на таквата деловна политика. Во настојувањето за комерцијално и рентабилно работење и намалување на приходите од сечење и продажба на огревно дрво, првиот човек на НП Пелистер деновиве излезе со иницијатива за финансирање на паркот од сосема други досега непознати извори.
Како начин на финансирање, Шукриу предлага наплата на одреден процент од приходот од цената на водата што го остваруваат водоводните претпријатија, кои приходите главно ги добиваат од продажбата на водата што извира и тече низ планината Пелистер. Втор начин на остварување на приходите за (само)финансирање е да се наплаќа одреден процент од приходите што ги остваруваат хидроцентралите, кои за производство на електрична енергија ги користат водите во националниот парк. Како трета можност за рентабилно работење, НП Пелистер предлага наплата на одреден процент од приходите што ги остваруваат сопствениците на антенските столбови, кои се поставени на врвот на Пелистер.

Ваквата иницијатива на Шукриу, со која наскоро ќе ги запознаат Министерството за екологија и Владата, наиде на одобрување и кај другите директори на националните паркови во Македонија.
– Националните паркови не треба повеќе своите приходи да ги остваруваат од сечењето и продажбата на огревни дрва. Доколку на ваков начин ние остваруваме средства, во тој случај сечата на огревното дрво во националните паркови ќе се сведе на минимум, ќе ги спасиме шумите од „оголување“ и ќе бидат наменети за заштита на човековата околина и прочистување на воздухот – вели Шукриу.
Доколку се прифати оваа иницијатива, во тој случај сечата на шумите во националните паркови ќе се сведе исклучиво на сечење на дрвјата што поради старост мора да се сечат и оние што, според стручњаците, мора да се сечат за „проветрување“, а не како досега за огревно дрво. Директорот неодамна јавно излезе и со иницијатива, во иднина НП Пелистер главно да се финансира од меѓународни проекти и фондови од странство, со што би се заштитила природата. Потоа беше потпишан токму ваков проект со донатор од Германија.

– Мојата цел е за време на мојот мандат да работиме на проекти однадвор, за да не ги користиме ресурсите од НП, туку да се финансираме од фондови однадвор. Кога дојдов на функцијата директор на НП Пелистер потпишав проект со организација од Германија, која инсистира да нѐ финансира со 100.000 евра годишно, но под услов за таа сума пари ние да ја намалиме сечата на дрвја на Пелистер и на тој начин да се финансираме и да ја штитиме природата – вели Шукриу.
Со намера да се разменат искуства меѓу двата национални парка, Пелистер и Галичица, деновиве во Информативниот центар на Пелистер се одржа работна средба на темата екосистемски услуги.
– Со екосистемските услуги што ги носат заштитените подрачја и можноста со подобрување на заштитата и управувањето со националните паркови да постигнат ефект на заштита на природата, но и да ја подобрат финансиската состојба на заштитените подрачја. Во Македонија заштитата на природата е препуштена на самофинансирање на установите, што не е добро – изјави Андон Бојаџи од НП Галичица, кој истана дека поради пандемијата НП Галичица претрпе огромни финансиски штети, бидејќи приходот од туристички активности во 2020 година, во однос на 2019, паднал дури за над 70 отсто.