Битола

За да ги намалат трошоците што претходно Општина Битола ги плаќаше за осветлување на градот, по иницијатива на градоначалничката Наташа Петровска, советот на општината донесе одлука со која од пред неколку месеци одржувањето и сервисирањето на уличното осветлување во Битола, наместо приватен концесионер, како дотогаш, ќе го врши јавното комунално претпријатие „Комуналец“. Дека таквиот потег на општинското раководство се покажа како полн погодок најдобра потврда се резултатите, кои деновиве беа презентирани за состојбата со уличното осветлување во Битола во изминатите шест месеци.

– Деновиве, по неколку месеци интензивна активност, целосно го заокруживме прстенот околу градот со поставување нови лед-светилки. Само за неколку месеци во Битола се поставени 800 големи булеварски лед-светилки. Тие, главно, се поставени на главните сообраќајници околу таканаречениот прстен на градот, почнувајќи од улиците од кај кружниот тек кај Дулието, преку поранешната сообраќајница Иван Милутиновиќ, булеварот 1 Мај, Васко Карангелески, улицата Партизанска, поранешната Иво Лола Рибар, пред автобуската и железничката станица, потоа улиците 4 Ноември и Прилепска, но и во центарот на градот, а неодамна почна и поставување лед-светилки и на влезовите за Битола. Истовремено се заменија и 800 улични светилки во помалите улици, со нови мали лед-светилки во централното градско подрачје, но опфатот веќе се проширува и кон другите делови на градот – истакнува првиот човек на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.

Од „Комуналец“ истакнуваат дека паралелно со променетото уличното осветлување во градот со лед-светилки, со кои во голема мера се подобри осветлувањето на Битола, по повеќе од 40 години во изминатиот период се сменети и светилките на канделабрите во населбите, кои со години беа неосветлени и во крајно лоша состојба. Сега, на голема радост на граѓаните, канделабрите се заменуваат со нови конусни фенери што ја рефлектираат светлината. Поставени се 300 нови фенери на канделабрите во населбите Карпош, Кланица, Стрелиште, Ремо до Довлеџик.
Инаку, поставeните булеварски лед-светилки имаат сопствен режим на работа, со кој во текот на ноќта четири пати се менува процентот на ангажираната моќност на светилката, со што се предизвикуваат нови дополнителни заштеди.

Само за споредба, со новопоставените лед-светилки не само што се подобри осветлувањето на градот туку во голема мера се зголемија заштедите, бидејќи наспроти старата јачина на светлост од околу 10 лукса, сега јачината е 70 лукса, а потрошувачката, наспроти поранешните 300 вати, сега е 100 вати. Тоа што особено радува е што сегашните лед-светилки имаат трајност од 15 години за разлика од поранешните, кои имаа трајност од само три години. Пресметките покажаа дека со промената на обичните со лед-светилки, покрај сѐ, навистина се остварија и големи заштеди.

– За јавното осветлување во Битола од страна на Општина Битола беа обезбедени 13 милиони денари, или над 210.000 евра. Анализата што ја направивме деновиве покажа дека сите тие средства се реализирани, со тоа што по смената на обичните светилки со лед, само по основа на одржување имаме заштеди од два милиони денари, додека по основа на потрошувачка заштедата изнесува пет милиони денари. Тоа значи дека за првите шест месеци досега имаме заштеда од над седум милиони денари, односно над 113.000 евра. Овие заштеди ќе бидат инвестирани и целосно вложени во дополнителни зафати во осветлувањето. Во иднина се очекува дополнителна заштеда на средства во делот на одржувањето и набавките на светилки, поради многу подолгиот век на траење на лед-светилките – истакнува градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.