Битола

Со почитување на сите здравствени протоколи, Македонското научно друштво – Битола го одбележи својот голем јубилеј, 60 години од своето постоење во националната установа Завод и музеј. По повод јубилејот е изработена кристална коцка со амблемот на МНД.
– Оваа кристална коцка им припаѓа на сите генерации, на сите оние што придонесувале и искрено работеле и работат за МНД, токму поради тоа оваа голема кристална коцка ќе биде поставена во просториите на МНД – рече Марјан Танушевски, претседател на МНД-Битола.
На свеченоста посебно признание му беше врачено на м-р Јован Д. Кочанковски (89 г.) единствениот жив сведок од 12-те потписници на иницијативата за формирање на научното друштво во Битола во 1960 година.

– Иницијатори за формирање на друштвото беа браќата Душан и Милош Констатинови. Се собравме со една основна цел, колку што е можно да им помагаме на наставниците по историја и да се интересираме за минатото, за историјата на Битола и за тоа да зборуваме. Друштвото денес има голем број членови, магистри и доктори на науки, кои дале свој придонес во науката и придонес за афирмација на Битола како град што е заинтересиран за науката, а доказ е формирањето на Битолскиот универзитет, рече Јован Кочанковски.
На јубилејот присуствуваше и академик Вадо Камбовски, кој е член и на МНД-Битола.
– Ова е значаен јубилеј, затоа што ова е првото научно друштво што се појавило во тие години токму во Битола, затоа што е расадник на знаење, наука и уметност. Долга е листата на врвни научници и уметници што потекнуваат од Битола. Само од битолската гимназија излегле 18 членови во МАНУ. По ова се формира МАНУ, а потоа и други друштва – рече академикот Владо Камбовски.

Честитајќи им го јубилејот, градоначалничката на Битола Наташа Петровска изрази длабок респект кон сите членови на МНД-Битола што во минатото и денес се вградиле со своето дејствување, со сета егзактност, чистота, со сета артистичка уникатност, со сета разумна творба, која дава посебен белег во значењето на човека.
– Изминаа шест децении во кои друштвото напиша безброј содржини, сведоштва за минатото во овој град, но и регионот. Низа едиции ја потврдуваат животворноста на овие простори кои МНД-Битола овозможило да го видат светлото на денот и засекогаш да останат како трајно сведоштво – кажа Наташа Петровска.
За долгогодишната соработка, афирмација и поддршка на друштвото, МНД-Битола додели голем број јавни благодарници и признанија.