Во периодот кога речиси беше незамисливо на трпезата да нема застапено пообилно количество свежо овошје и зеленчук, годинава поради високите цени, поголем број граѓани на Кичево не можат да си го дозволат тој луксуз, редовно да купуваат од сезонските земјоделски производи, бидејќи со моменталните цени тоа нема да им оствари.
Повеќемина граѓани купуваат мали количини, кои ни оддалеку не ги задоволуваат нивните потреби, но што да прават кога нивниот стандард не им дозволува да ги променат состојбите на подобро. Тие со право се разочарани и очекуваат цените што побрзо да паднат.
– Иако важиме за земја со изобилство на зеленчук и овошје, сепак ова лето не можеме да уживаме во овие благодети од природата, бидејќи цените се многу високи, а нашиот стандард премногу низок. И да сакаме да купиме колку што е непходно, во тој случај со нашите приходи не можеме да поминеме ни пола месец. Ако и натаму останат овие цени, сезоната ќе ја поминеме речиси без омилените домати, пиперки, праски и кајсии или ќе ги нема како порано – вели пензионерот Бране Богески.
Кога го посетивме градскиот пазар, забележавме зголемена посета и многу шетачи, но малку вистински, купувачи, како порано кои со полни торби се враќаат дома.
– И ние би сакале да ги наполниеме торбите со сезонско овошје и зеленчук, но со овие цени ни останува само да купиме колку дома да не се враќаме празни. Годинешните изгор цени не ни дозволуваат ни оддалеку да се снабдиме со вообичаените количества, како што тоа сме практикувале претходните години и децении – рече по малку разочарано еден брачен пар, кој при денешната посета на пазарот, купиле едвај по еден килограм краставици и домати, чии цени од 70 до 90 денари за килограм, се далеку од достапни за обичните граѓани.
Слични беа зборовите и на мнозинството граѓани, кои очекуваат пониски цени и поголеми количини сезонски атрикли во своите торби. Со овие цени, кои никако да паднат, жителите на Кичево својот низок стандард најмногу го чувствуваат.
З.А.