Последните врнежи од дожд кои во западниот дел од земјава ги имеше пред десетина дена, најмногу ги израдуваа земјоделците и собирачите на шумски плодови, конкретно печуркарите, бидејќи во поголемиот дел од Кичевско-Бродскиот регион печурките вргањ и нешто помалку лисичара, за краток временски период толку многу родија, што речиси беше невозможно собирачите на шумски плодови и целосно да ги соберат.
Цели семејства во тој краток период од 3-4 дена беа константно во шумите и како резултат на богатата берба, можат да бидат повеќе од задоволни од остварената заработка. Иако на почетокот откупувачите нудеа повисока цена од околу 200 денари, сепак притисокот од големите количества на вргањ придонесоа за кусо време цената да падне и во најголем дел да се откупува по цена од 6 до 8 денари за килограм свеж вргањ. Сите се задоволни што и покрај релативно кусиот период на берба, сепак остварија солидни приходи и го надоместија празниот од, од претходните година-две.
– Сите сме најпријатно изненадени што во втората половина на август добивме екстремно богат род на печурката и верувајте ако од едно семејство беа активирани повеќе членови во само еден ден можеа да соберат и 200 килограми или да заработат цела плата. Тоа се случуваше во нашиот регион каде повеќето жители беа во шумата отколку во своите домови. Tоа на сите ни се исплати и би сакале сличен принос на печурката да имаме и во текот на есента или на почетокот на летото – вели Зоре Сиљаноски собирач на печурки од Поречијата.
И во кичевија се случи вистинска експлозија од богат род на печурките, но само во одредни региони и на краток период од неколку дена.
– Кога поверувавме дека ќе имаме уште една екстремно сиромашна година без приходи од основната дејност, сепак природата како да ги прифати нашите молби, и по интензивните врнежи од дожд практично експлодира родот на печурките во поедини села, најпрво од јужната страна како Вранештица, Атишта, Карбуница и други, а потоа во северната регија во селата Колари, Стргомиште, Колибари, вргањот роди како никогаш досега. Практично, имаше толку многу што луѓето не можеа целиот да го соберат. Но тоа траеше релативно краток период, бидејќи почвата поради високите температури повторно се исуши и со тоа заврши родот на печурките – вели Јане Јанески, собирач и откупувач на печурки.
Сите се оптимисти дека во текот на есента повторно ќе има услови за нова реколта на печурки и можност за уште една акција во планинските делови од овој регион. Инаку, откупувачите после две сиромашни сезони ги отворија пунктовите и барем накратко и се вратија на основната дејност. Извозниците пројавија голем интерес за оваа реколта и во најголем дел ги откупија собраните количества. З.А.