ПЛАСНИЦА

По иницијатива на Општина Пласница, како и на голем број печалбари по потекло од овој крај, две семејства што досега немале соодветен простор за живот, летово добија сосема нови домови. Се очекува двете социјално загрозени семејства кон средината на есента да се вселат во новоизградените куќи. Се работи за социјално загрозени семејства, и тоа тричленото семејство на Муједин Горалија и петчленото семејство на Раим Насуфоски, кај кого едно од децата е лице со посебни потреби.

– Благодарение на несебичната помош на печалбарите од Пласница, наскоро во нови домови ќе бидат вселени две социјално загрозени семејства, и тоа семејствата на Муједин Горалија и на Раим Насуфоски. Некои од печалбарите со финансиски средства, а некои со градежни материјали, помогнаа на двете семејства да им бидат изградени нови куќи, кои до средината на октомври ќе бидат комплетно завршени, а оваа хумана акција ќе биде заокружена и со набавка на мебел, инвентар и други потреби за двете семејства – истакна Елсан Нурчески, градоначалник на Општина Пласница, кој подетално ја опиша состојбата кај двете семејства и каде биле згрижени тие досега.

– Двете семејства на кои наскоро ќе им бидат завршени новите живеалишта се во незавидна економска положба и не беа во можност сами да си обезбедат покрив над главата. Така, петчленото семејство на Раим Насуфоски досега живееше во куќа со супстандардни услови, чиј покрив прокиснуваше, и беше неопходно да се преземат овие чекори, за да може многу попристојно да го помине преостанатиот дел од животот. Во ова семејство едно од децата е лице со посебни потреби, за кое треба подобри услови за живот и повеќе финансиски средства. Тие за ова дете добиваат околу 4.500 денари социјална помош. Семејството на Муједин Горалија во изминатите пет години беше згрижено во џамиска куќа и беше крајно време и нему да му се помогне за да добие сопствен покрив над главата.

Сите сме задоволни што овие две семејства ќе бидат соодветно згрижени, а се разбира најголема е радоста кај самите семејства, кои за околу еден месец ќе се вселат во своите новоизградени домови – додаде градоначалникот Нурчески.
Тој најави дека слични акции ќе бидат поведени и за помош на други семејства на кои им е неопходен покрив над главата.
– Оваа практика е присутна и во повеќе села во Кичевско, каде што со несебична помош на печалбарите им се изградени нови домови на повеќе семејства. Како што велат хуманите печалбари, оваа практика ќе продолжи да живее и понатаму, а тие се тука во рамките на своите можности и лично да помогнат.