Младиот 21 годишен Христијан Митрески го извади крстот од осветените води во базенот на поранешниот Дом на АРМ во Кичево. Најпрво во црковниот храм „Свети Петар и Павле“ беше отслужена утрена богослужба, а потоа поворката се упати на базенот каде што беше завршниот чин. Пред полагањето на крстот беше извршен водосвет на водите во базенот од страна на свештенството од Кичевскиот храм.
Потоа триесетина млади жители на градот се фрлија по крстот, а од осветените води го извади младиот Христијан Митрески.
-Ова ми е втор пат како се фрлам по крстот и еве денес со божја помош ми се посреќи јас да го извлечам од водите на базенот. Ова е мојот најсреќен ден, бидејќи да бидам искрен и не очекував дека мене ќе ми се насмевне среќата и ќе го извадам крстот. И наредните години ќе продолжам да ја негувам оваа традиција и да влегувам во базенот за да го извадам крстот – рече Христијан Митрески, пресреќен по денешниот настан.
Од страна на Општина Кичево Митрески доби златен крст како и подарок од годинешниот Водичарски кум во Кичево, кој за верниците и пријателите од градот организира ручек во црковната трпезарија.
Покрај во Кичево крст се полагаше и во село Другово, каде денес му се посреќи на Влатко Маркоски од село Другово, а во студените води на реката Треска се фрлија околу 25 млади жители од Другово и околните села.
З.А.