Со цел да привлече што поголем број гости, хотелот „Молика“ ги намали цените на услугите за 20-30 отсто и со таква понуда се вклучи во проектот „Дома си е дома“.

„Активен одмор на Пелистер“ е мотото и понудата за граѓаните кои поради новонастанатата ситуација со рестрикциите за патувања во странство, ќе го поминат годишниот одмор во домашните капацитети.

Од „Молика“, која е во сопственост на АД ЕСМ, информираат дека понудата и ценовната корекција се направени по извршена комплетна анализа на состојбите и на економската моќ на домашниот гостин. Специјалната понуда за престој од 4 и 5 денови која ја нуди хотелот „Молика“ за оваа летна туристичка сезона на Пелистер е прилагодена за користење на ваучерите за туризам.

Исто така, врз основа на препораките на Комисијата за здравство, хотелот ги имплементира сите процедури согласно Протоколот за работа на угостителски објекти за сместување, спроведува процедури за прием и сместување на гости, расторански процедури кои се однесуваат за гостите и процедури за вработени во функција на безбедноста на секој посетител.

Паралелно со летната сезона, на Пелистер во хотелот „Молика“ се прават подготовки за следната зимска сезона.

М.М.