И покрај проблемите кои го следат работењето на компаниите со коронавирусот, ЈП „Стрежево“ – Битола покрај редовните активности за нормално функционирање на хидроистсмот, своите активости ги насочи и за реализација на нови инвестиции во делот на водостопанската инфраструктура, со кои ќе придонесе не само непречена реализација на сите предвидени проекти, туку и зголемување на наводнуваните површини, како и намалување на загубите од вода, со што се создаваат подобри услови за рентабилно земјоделско производство.

Ова го истакнуваат во ЈП „Стрежево“ каде во тек е реализација на проект за рехабилитација на главниот цевковод Г-1 (Драгарино – Могила) и каде се врши замена на дотраените цевки фи-500mm со нови дуктилни цевки фи- 600mm во атарот на општина Могила. Со новата инвестиција се врши промена и на хидромеханичка опрема во селата Поешево, Кравари, Бистрица, Олевени и Жабени, односно се инсталираат линиските затворачи фи 600mm на главните цевководи: 6Ц (Кравари – Оптичари), 7Ц (Бистрица) и 8Ц (Барешани – Жабени – Егри).

– Со имплементацијата на овој проект и воспоставувањето на примарна инсталација ќе се придонесе да се подобри ефикасноста при користењето на водите, порамномерна распределба на водните ресурси, а ќе се воведе парцијално исклучување во случај на дефект на цевковод со што ќе го добиеме посакуваниот ефект – економичност, користење, функционирање и одржување на хидросистемот „Стрежево“, како и воспоставување на услови за поуспешно стопанисување во целост – вели првиот човек на ЈП „Стрежево“, Менде Граматковски.

М.М.