Во Битола и денеска се санираат последиците од обилните врнежи во изминатите два дена. Општинскиот кризен штаб во Битола на денешната седница ги разгледа состојбите и последиците по синоќешните врнежи од дожд.
На терен делуваа екипи во текот на целата вечер, се интервенираше со пумпи во над 20 објекти, а утринава се работеше на расчистување на улиците и дезинфекција на објектите.
Во извештајот на Кризниот штаб се нагласува дека во санирањето на последиците делуваа 12 екипи со 12 пумпи за испумпување водите од поплавените објекти, како и за превентивно делување на терен во периодот кој што следува.
Координатор на активностите е КЈП „Нискоградба“ која на терен постојано ги следи активностите и согласно потребите ќе ги активира екипите.
Доколку дојде до нови врнежи и има потреби од интервенции, граѓаните може да ги пријавуваат состојбите на телефонските броеви 193 во Територијалната противпожарна единица и на 195, во Центарот за управување со кризи. М.М.