Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска ја посетија Општата болница во Кичево, како и болницата која е во изградба на 100 метри од Општата болница.
– Во овој момент сме пред оваа зграда, која 30 години стои како карабина, две години интензивно работевме на расчистување на проектната документација и други проблеми што ги затекнавме и конечно со одлука на Владата се официјализираше решението да продолжи со градба втората фаза, со што Кичево ќе добие модерна болница, каква што граѓаните и пациентите од овој цел регион навистина заслужуваат. Градбата на втората фаза би требало да трае околу две години, што значи дека за две години сè ќе биде завршено и соодветно опремено за Кичево навистина да добие здравствена услуга, здравствена заштита каква што треба – посочи министерот.
Филипче истакна дека во старата болница, која сè уште функционира, е донесена медицинска опрема којашто значајно го зголемила квалитетот на здравствената услуга за граѓаните.
Тој потенцираше дека огромен број луѓе се примени во болницата во Кичево во изминатите две и пол години, преку 40, од кои шест се доктори и над 20 медицински сестри.
– Во овој момент во Кичево нема невработен доктор на медицина, што мислам дека е одличен резултат на оваа политика на инвестиција во млади лекари и медицински сестри, со цел да не заминуваат од земјава, туку иднината да ја бараат тука. Имајќи ги предвид и другите мерки кои како министерство ги имплементиравме во изминатите повеќе од две години, тоа е платениот стаж во период од шест месеци за младите лекари, во рамки на здравствените домови. Сметам дека тоа е политика што дава резултат. Нема јавна здравствена установа што не го зголеми капацитетот за најмалку 15 проценти, што значи дека се вработени огромен број лекари и медицински сестри – истакна министерот.
Исто така, во однос на справувањето со вирусот ковид-19, министерот Филипче информираше дека во болницата во Кичево има одлична организација, има посебен дел за тријажа и мини амбуланта, а дел од кадарот сè уште е во системот за ротација, за помош на колегите во Инфективната клиника во Скопје и во ГОБ „8 Септември“.
З.А.