Популарната македонска и балканска манифестација Фестивал на пивото по 17 пат ќе се одржи од 18 до 21 јули во центарот на Прилеп, а ќе настапат популарни музички имиња како што се Цеца, групата Галија, Фрајле, Сирилик и др.

Ова беше соопштено на денешната прес-конференција во општина Прилеп, а годинашен организатор на Пиво фест е агенцијата „Баги комуникејшнс“, од каде најавуваат убава музичка манифестација.

Како што информираа организаторите, иако се размислувало за друга локација, сепак „Пиво фест 2019“ ќе се организира на досегашната локација на површина од 4.100 метри квадратни, со учество на повеќе пиварници од земјата и од странство.

-За сите генерации ќе има забава, и се надеваме дека ќе имаме бројни посетители – вели градоначалникот Илија Јованоски, потенцирајќи дека годинава нема да има огномет и дека средстваата предвидени за тоа ќе бидат наменети за Клубот на лекувани алкохоличари.

За организација на фестивалот општина Прилеп има одделено 2.5 милиони денари. Од „Баги комуникејшнс“ посочија дека направиле програма за секој граѓанин, а ќе бидат застапени сите видови на музика: рок, традиционална, рокенрол, алетернативна, поп музика.

– Фестивалот во четврток го отвораат Прилепски еснафи, потоа настапуваат Селимова Желчески, Ѓорѓе Давид и Ивана Негатив, а на крајот на првиот ден настапува рок бендот Галија. Во петок ќе пејат Ален Хасановиќ, Миле Кузмoноски, Кантурови и Цеца. Во саботата настапуваат Влатко Стефаноски Трио, Фрајле и Тамара Тодеска. Последната вечер се Бен Хур, Кал Бенд, Сања, Маринко и Зец од Нови фосили и фестивалот го затвора Сирилик – посочи Мандически од агенцијата Баги. Најавена е и богата алтернативна програма за раните утрински часови.

Ка.М.