Од 2012 година постојано се сечат борови дрва на единствениот шумcки предел на Сува Гора, планина по должината на левата страна на автопатот Скопје – Тетово во близината на Желино, за да се градат стопански и индустриски објекти. Планината Сува Гора се состои од варовник, па боровите што се насадени пред педесетина години во подножјето на самата границата со рамницата се единствените високи дрвја, за разлика од нискостеблестата шума нагоре кон врвот. Претставниците на еколошките здруженија алармираат дека со тоа темпо значително се уништува шумата како природен чувар на чистиот воздух за блиското село Желино, но и за Полошката Котлина воопшто.
– Не само што изгледаше убаво туку тој појас служеше како еколошка завеса за селото Желино, поради целата прашина и другите штетни гасови што излегуваат од колите од тој автопат. Поради тоа шумата требаше да се зачува. Верувам дека е грешка тоа што се прави. Таа шума требаше долги години да расте и да служи како генератор на воздухот – изјави Аријанит Џафери од „Еко-герила“.
Од општината Желино на новинарските прашања зошто се дозволува уништување на шумата за да се прават стопанско-индустриски објекти, се огласија преку соопштение во кое посочуваат дека од страна на поранешното раководство е направен процес за пренамена на шумско-земјоделското земјиште во градежно. Тие објаснуваат дека од сите државни институции добиле согласност за пренамена и прецизираат дел од процедурата според која со плаќање надоместок за исечените дрва, општината го регулирала уништувањето на природната околина.
– Во согласност со тогашниот урбанистички план за општината Желино, преку пренаменето шумско земјиште, беа проектирани нова улица и неколку локални патишта. Требаше да се исечат стотина дрвја-стелба. За исечените дрвја од страна на општината Желино требаше да се исплати надоместок во согласност со законските прописи, што не било направено па јавното претпријатие „Македонски шуми“ поведе постапка против општината Желино. Потоа општината и јавното претпријатие „Македонски шуми“ склучија договор за надоместок за изгубена дрвна маса во 2016 година. Износот што требаше да го исплати општината беше над десет илјади евра и е намирен во 2016 година. На крајот, јавното претпријатие достави потврда до нас дека општината ги има намирено сите обврски – соопштија од кабинетот на градоначалникот Блерим Сејдиу.
Џафери од „Еко-герила“ истакна дека суштината на проблемот не е во тоа дали законски или не се сечат дрва заради пренамена на земјиштето, туку дека во состојба на висока загаденост на воздухот и загрозена животна средина никој не треба да биде мотивиран да уништува шума.
– Не кажувам дека не треба да се градат фабрики и бизниси иако се гради на големо, но верувам дека во блиската слободна економска зона попаметно ќе беше тоа земјиште да се користи наместо да направат пренамената на шума во градежно земјиште. Итно да се спречи уште градење, да се бара од нив барем пошумување јавно земјиште за да има повеќе шума низ целата Полошка Котлина. Да се спречи и да се врати на тоа што беше, да биде шума. Штета што таа се сече заради нечиј профит – рече Џафери. Сува Гора била пошумена пред педесетина години во тогашните младински работни акции.