Во рамките на програмата „Еразмус“, СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп е домаќин на ученици и наставници од Португалија, Италија, Турција и Полска, кои денес ја посетија општината и остварија средба со градоначалникот Илија Јованоски.

-Со помош на проектот „Еразмус“, вие ја осознавате Европа, вклучително и Македонија. Многу ми е драго што сте во Прилеп и што ќе се запознаете со културно-историските знаменитости на нашиот град. Сакам да им се заблагодарам на директорот и на наставниците од СОУ „Ѓорче Петров“, како и на учениците од ова училиште, за тоа што се ваши добри домаќини. Се надевам дека од нашиот град и од Македонија ќе заминете со позитивни впечатоци“ изјави градоначалникот Јованоски.

Од име на домаќинот, СОУ „Ѓорче Петров“, пријатен престој во Прилеп им посака професорката Елизабета Милошеска. Таа истакна дека ова не е прв проект од програмата „Еразмус“ кој го реализира средното медицинско училиште.

-Имаме долгогодишно искуство во реализирање на „Еразмус +“ проекти. Темата на овој проект е „Нашите реки, нашата заедничка иднина“. Во таа насока, настојуваме и ние да ги премостиме границите и бариерите помеѓу луѓето кои што се од различни земји, култури и етнички заедници- рече професорката Милошеска.

Учениците и наставниците од Португалија, Италија, Турција и Полска, во Македонија ќе престојуваат 7 денови.

Ка.М.