ОХРИД

Во тек се работни активности за комплетна реконструкција на подовите во училиштето „Христо Узунов“. Поставена е нова бетонска подлога во сите училници, со вкупна површина од 1.358 квадратни метри, a во текот на наредниот период таа ќе биде поплочена со современ ПВЦ-материјал.
Оваа инвестиција е дел од годинешната програма за образование на Општина Охрид, а за нејзина реализација од општинскиот буџет се издвоени 892.552 денари. Во текот на изминатиот период во „Христо Узунов“ беа спроведени низа реконструктивни зафати, со кои значително се подобрија условите за одвивање на наставата. Беше извршена промена на дограмата во целиот училиштен објект, беа реконструирани тоалетите и беше поставен нов покрив. Извршена е комплетна реконструкција на покривот во централниот училиштен објект на „Свети Наум Охридски“ во селото Пештани. Старите азбестни табли се заменети со современ лимен покривач, со што значително се подобрени условите за настава – велат од Општината.
Исто така, во моментот се изведуваат работни активности за поставување нови енергетски ефикасни ПВЦ-прозорци во сите училишни простории и кабинети во објектот. Парите за реализирање на овие реконструктивни зафати, Општина Охрид ги обезбеди преку Министерството за образование и наука, по претходно објавен повик за аплицирање. Вредноста на вкупната инвестиција во ова училиште изнесува околу три милиони денари.
Во текот на изминатиот период, со средства од општинскиот буџет, беше извршена промена на покривната конструкција во подрачните училишни објекти на „Свети Наум Охридски“ во селата Коњско и Елшани и беше инсталиран фотоволтаичен систем на централниот училиштен објект.