ГЕВГЕЛИЈА

Гевгелиските ученици го разубавеа паркот до улицата Маршал Тито во Гевгелија. Во рамките на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, претставници на проектниот тим од Македонскиот центар за граѓанско образование и Младински образовен форум беа во посета на Гевгелија. Посетата се должеше на извршувањето увид во активностите за реализација на иницијативата на учениците од училиштето „Јосиф Јосифовски“ и двете основни училишта „Владо Кантарџиев“ и „Крсте Мисирков“.

Учениците го разубавуваа градскиот парк, односно работеа на облагородување со нова урбана опрема, поставување два нови реквизити за деца, боење на оградата и веќе постојната урбана опрема, а поставија и ново лед-осветлување во паркот и хортикултурно го уредија.
Ученичката Ѓоргина Лешева од училиштето „Јосиф Јосифовски“рече дека ѝ е чест и задоволство што се реализира оваа младинска акција на учениците од двете основни училишта и гимназијата во Гевгелија.

Ова е една од идеите на младите од општината Гевгелија за подобрување на живеењето на граѓаните. На младинските онлајн форуми за застапување приоритети при носењето одлуки пред нашата самоуправа, организирани од страна на МОФ и МЦГО, произлегоа повеќе идеи: нашиот град да добие младински центар, да се модернизира паркот или да се спроведе хуманитарна акција за помош на штитениците на Дневниот центар за лицата со посебни потреби. Од нив, приоритет ѝ се даде на младинската акција за модернизирање на паркот кај железничката станица. За таа цел, денеска сме тука да ја реализираме нашата иницијатива, облагородувајќи го нашиот најстар парк со освежување со бои, поставување дополнителна урбана опрема, уште два нови реквизити за деца, лед-осветлување на паркот, боење на оградата и хортикултурно уредување. Градскиот парк стана место каде што сите генерации ќе поминуваат дел од слободното време – рече Лешева.