Температури утрово се спушти под нулата во Берово, Скопје-Петровец, Струмица, Крива Паланка, Маврово, Демир Капија, Крушево и Лазарополе. Наместа температури под нулата ќе има и утре наутро, најавуваат метеоролозите.
Според мерењата на УХМР, во Берово се измерени минус седум степени, минус два во Скопје Петровец, Струмица, Крива Паланка и Маврово, минус еден Демир Капија, Крушево и Лазарополе, нула во Гевгелија, Штип и Претор, еден во Тетово, два во Скопје Зајчев Рид, Битола и Прилеп, три во Дојран, до четири во Виница.
Утрово времето е ведро и свежо, наместа дува слаб до умерен ветер од северен правец. Во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19 степени.
Во Скопје ќе биде претежно сончево, попладне ветровито со умерен до засилен ветер од североисточен правец. Температурата ќе достигне 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево време со мала облачност, а и утре ќе дува умерен до засилен североисточен ветер. Утринските температури на места ќе се спуштаат под и околу нулата, а дневните ќе бидат во пораст. Зголемување на облачноста со локален дожд се очекува од вторник попладне.