Уставниот суд на денешната седница ги поништи одлуките за распишување референдум за Казандол за експлоатација на минерални сурови, донесени од Советот на општина Валандово на 3 и 10 јули 2017 година.
Според Судот, одлуките за референдум се неуставни и незаконити, бидејќи прашањето на концесии не е од локално значење за да може локалната самоуправа да распишува референдум.
Подносител на иницијативата е поранешниот градоначалник на општина Валандово, Николче Чурлиновски.
Тој во јули минатата година го забрани референдумот за рудници во Валандово. Референдумот, кој беше на иницијативата „Спас за Валандово” по тримесесечни обиди за закажување, сепак се одржа на 20 август, но не успеа оти немаше доволна излезност.
На денешната седница беше поведена постапка за оценка на уставноста и законитоста на одлуката за распишување референдум на локално ниво, донесена од Советот на Општина Дојран, која се однесува „за“ или „против“ отварање рудници во нивната општина.
Уставниот суд денеска не поведе постапка за иницијативата поднесена на одредби од Законот за вршење на сметководствени работи.