Фото: Зоран Антоски

По седумдневни активности, заврши првиот камп по веронаука што се спроведе во манастирот „Света Пречиста Богородица Кичевска“. Кампот го посетуваа дваесет и две деца на возраст од 10 до 15 години, повеќето од Кичево и неколку деца од Македоски Брод, а според половата застапеност кампот се состоеше од 17 девојчиња и пет машки.

Предавањата на курсот ги спроведоа сестрата Ефимија од манастирот Рајчица, како и претставнички на сестринството од „Св.Пречиста“.

Фото: Зоран Антоски

-Првиот камп по веронаука во манастирот „Света Пречиста Богородица“ што се одржа во изминатите седум дена беше збогатен со многу содржини и сите учесници со полно внимание ги слушаа сите предавања. Предавачи во кампот по веронаука беа сестра Ефимија од манастирот Рајчица, Дебарско, која го водеше кампот заедно со сестрите од „Света Пречиста“, кои беа вклучени во реализација на истиот. Покрај воведното запознавање на децата со веронаука, тие се подучуваа византиско пеење и пеење на тропари. Учесниците на кампот непрекинато се дружеа, имаа редовни прошетки во природа, како и часови на отворено. Исто така учесниците на кампот помагаа во секојдневните обврски во манастирот и така целосно исполнети го завршија учеството на кампот по веронаука, пришто и редовно ги посетуваа и службите што се одржуваа во манастирот – истакна Бошко Сарафилоски, член на црковниот одбор при Дебарско–кичевската епархија.

З.А.