БИТОЛА

Симболот со буквите „Битола“, кој за кратко време стана препознатлив за градот и се најде на илјадници фотографии и беше едно од омилените места за граѓаните и посетителите, деновиве некој го уништил. Искршени се дел од буквите, оштетени се рефлекторите, како и металната конструкција.
– Во моментов се врши увид на терен, по што ќе се преземат соодветни мерки за санација. Пред само неколку дена, Општина Битола испрати апел до граѓаните да не ги уништуваат јавните добра, откако масовно беше регистрирано уништување на автобуските стојалишта, а претходно и терминал на ЈП „Паркинзи“. Жално е што ваквите вандалски појави на уништувања на симболите, кои се дел од нашата култура на живеење, сè повеќе зачестуваат – велат во Општината.
Општина Битола повторно апелира на разум и негување на објектите, за заеднички и конструктивно да се придонесе за создавање убава слика за битолчани.

„Со љубов за Битола“ е симболиката што ја испраќаше новото спомен-обележје поставено во Градскиот парк, кај Саат-кулата на 4 ноември лани, по повод Денот на ослободувањето на градот – 4 ноември. Ова обележје, дополнително ја зголеми културно-историската вредност на оваа локација, збогатувајќи ја и нејзината туристичка атракција. Буквите што во вечерните часови беа осветлени, не оставаат простор за рамнодушност затоа што нивната визуелна впечатливост со себе носеше силна порака на придонесот за градот што го давал и го дава секој жител на оваа општина.