За да им ги намалат трошоците во работењето во време на пандемија со ковид-19, Општина Кичево на последната седница на Советот донесе неколку важни одлуки, кои ќе помогнат локалните угостители полесно да го преживеат овој кризен период, кога прометот е нешто помал, приливот на средства исто така, а поради подолгата пауза загрозен е и нивниот рентабилитет и долгорочна перспектива.
Во тој правец општината одлучи да се ослободат од обврската за наплата на комунална такса за 2020 година.
– За да им ги намалиме во одредена мера тековните обврски, донесовме одлука угостителските објекти во градот да бидат ослободени од наплата на комунална такса за тековната 2020 година. Ослободувањето од обврската за наплата на комуналната такса е со цел да се ублажат економските последици од пандемијата. Оваа одлука е донесена по предлог на градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари. Вкупниот број на правни субјекти кои вршат угостителска дејност и вкупните износи на финансиски средства по овој основ ќе се утврдат во финалниот извештај, по поднесените барања од страна на правните субјекти кои вршат угостителска дејност. Кон барањето правниот субјект приложува и доказ за вршење на угостителска дејност во вид на потврда издадена од страна на комуналниот инспекторат – истакна Бурим Кадриу, задолжен за финансирање и буџет во општина Кичево.
Барањето за ослободување од обврската за исплата на комунална такса се поднесува најдоцна до 30 септември годинава, во просториите на општина Кичево. Доколку некој правен субјект кој врши угостителска дејност, веќе извршил уплата на име фирмарина, овие средства ќе се сметаат за аванс за уплата на фирмарина за наредната 2021 година.