Советот на Битола на денешната онлајн-седница треба да донесе одлука, угостителите и сите оние што користат деловен простор пред своите дуќани во Битола да бидат ослободени од плаќање на комунална такса, додека трае вонредната ситуација, а по завршувањето на вонредната состојба, до 15 ноември да плаќаат само 5 денари за метар квадратен.
– Прифатена е иницијативата на градоначалничката на општина Битола Наташа Петровска и по одлуката на Владата, со која ни се овозможува намалување на комуналната такса за корисниците на деловните простории, на оваа седница ќе донесеме одлука со која комуналната такса за месеците во кои трае вонредната состојба да биде 0 денари за угостителските објекти и сите оние кои што користат деловен простор пред своите дуќани. Тоа значи дека за време на вонредната состојба угостителите нема да плаќаат комунална такса, а по завршувањето на вонредната состојба, заклучно со 15 ноември цената на комуналната такса ќе биде само 5 денари од метар квадратен, наместо 15 денари колку што досега плаќаа закупувачите. По завршувањето на вонредната состојба цената на комуналната такса ќе биде 5 денари до 15 ноември. По 15 ноември ќе видиме каква ќе биде општата ситуација и ќе одлучиме дали цената би останала 5 денари, или пак ќе се врати на 15 денари – рече претседателот на Советот на Битола, Валентин Груевски.
М.М.