ГЕВГЕЛИЈА

Во Општина Гевгелија се утврдени најмалку 10 нови турски инвестиции, во зоната на Коридорот 10, на средбата во Истанбул, помеѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на Турција, Таип Ердоган.
– Разговаравме и мислам дека утврдиме најмалку 10 нови турски инвестиции, во зона којашто ја разработуваме на Коридорот 10, во Гевгелија. Се работи за инвестиции од секаков вид во преработувачка индустрија, коишто се стратегиски поставени за европскиот пазар, нешто за кое нашите комори подолг период разговараа, а сега го утврдивме. Заедно со претседателот на вечерата беа соодветните министри со кои разговаравме и за ваквите детали – истакна Заев.
Во врска со најавената инвестиција за активирање на ТИРЗ „Прдејци“, градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, истакна дека во тек се подготовките за изградба на комунална инфраструктура и снабдување со електрична енергија. Паралелно, се изработува студија за оправданост, за ставање во функција на ТИРЗ „Прдејци“. Ова беше најавено на работна средба на Поцков со директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, при неговата посета на Општина Гевгелија, во врска со развивањето модел за привлекување домашни и странски инвестиции на локално ниво.

Инаку, неодамна во посета на Општина Гевгелија беше министерот за надворешни работи Бујар Османи заедно со тимот економски советници, кои ќе бидат испратени да ги промовираат потенцијалите за економска соработка, трговска размена, инвестиции и туризам во Германија, Полска, Турција и во Обединетите Арапски Емирати. Во текот на посетата остварија средби со градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, и со претставници на деловниот сектор во општината, а ги посетија и разговараа со сопствениците на неколку компании со производствени капацитети. Тие ги посетија текстилната фабрика „НОЕЛ“, фабриката за водоводна и фекална канализација „Конти хидропласт“, винарницата „Риго инпекс“ и фабриката за зеленчук и овошје „Вори“. Со посетата, економските советници беа запознаени со можностите што ги нуди Гевгелија, со цел во текот на нивниот мандат подобро да ги претстават земјата и нашата општина.