Претставници од Стопанската комора за трговија и индустрија Сакарија, Турција, денеска остварија средба со градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски,
и го изразија својот интерес за отворање на претставништва и производни капацитети од лесна незагадувачка индустрија во индустриската зона „Новаци”.
– Разговаравме со гостите од Турција за можностите за инвестирање во Општина Новаци. Му ја претставив нашата индустриска зона во Новаци која всушност беше и мое предизборно ветување при што се договоривме до март идната година да добиеме точни информации за потенцијалните инвеститори и од која област ќе бидат за да можеме да ги средуваме урбанистичките документации, да ја подготвуваме инфраструктурата и слично – рече Стевче Стевановски, градоначалник на Општина Новаци.
Гостите од Турција водат потекло од Македонија некои од Битола, од Прилеп, други од Дебар. Велат ги влечат корените и сакаат да направат нешто повеќе за Македонија, да го поттикнат локалниот економски развој на овие предели.
– Местоположбата на Општина Новаци ни е доста интересна особено близината со грчката граница, лесниот пристап до пристаништето во Солун, нешто што нас, како
инвеститори и бизнисмени кои сакаме производството да го прошириме кон Европа, ни е многу важно. Сакаме да отвориме производни погони за земјоделски машини,
каучук, пластични шишиња, железарија, контејнери за превоз, камп приколки и сл. индустрија која не загадува за што првично ќе ни се потребни парцели кои ќе зафаќаат
околу 10 хектари – рече Ахмет Копрулуоглу, сопственик на компанија за каучук, трговија и рециклирање Аталас Каучук.
Гостите најавија и можност за соработка и збратимување со Адапазари, град кој брои 1,2 милион жители, како и посета и соработка со Црвената полумесечина.
– Сакаме да ја прошириме нашата соработка и со Адапазари кој е град со милионско население но сепак има многу можности за соработка со Општина Новаци, а секако
тоа истото може да се направи и со Црвената полумесечина во Анкара, рече Тансу Узин, советник на градоначалникот во Адапазар и сектор за финансиска контрола при Црвената полумесечина во Анкара. М.М.