КИЧЕВО

На 58-от државен натпревар на Народна техника, учениците од основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ од Кичево се закитија со три први награди, две втори и повеќе трети награди, во седумте дисциплини во кои учествуваа.
– На педесет и осмиот државен натпревар на Народна техника остваривме извонредни резултати. Евгенија Митревска, ученичка од седмо одделение, го освои првото место во дисциплината Агротехника, Матео Петрески беше прв во Кино и видеотехника, а истиот пласман го има и Андреј Зафироски, ученик од седмо одделение, во дисциплината Конструкторство. Второ место освои Дарио Трпески, ученик од петто одделение, во дисциплината Иновации, а ист пласман има и Доминик Ѓорѓиоски од седмо одделение во дисциплината Сообраќајно моделарство. Трети места освоија Давид Лазарески, Андреј Андрески, Стефан Попоски и Билјана Матеска – истакна наставничката ментор Виолета Темекоска.

Таа додаде дека овие резултати се плод на систематска и долгорочна работа.
Во континуитет, полни 22 години, остваруваме одлични резултати откако јас ги водам учениците на овие натпревари. Годинешните пласмани на моите ученици се врвно остварување за едно училиште. Кои ученици ќе бидат избрани за овие натпревари, одлучуваат нивната работа и практичност. Подготовките за овие натпревари ги започнавме во ноември, работевме претежно онлајн и помалку со физичко присуство, но, како што гледате, резултатите не изостанаа – додаде Темекоска.
Извршната директорка на Народна техника од Кичево, Николина Дукоска, беше презадоволна од остварените резултати на учениците на годинешниот натпревар.
– Годинава, според остварените резултати, се искачивме на самиот врв. Ние не учествуваме во сите дисциплини, а таму каде што учествувавме остваривме врвни резултати. Овие резултати се плод на нашата повеќегодишна континуирана работа. И покрај тешките услови за работа, со несебична помош на родителите остваруваме врвни резултати, кои очекуваме да продолжат и во наредните години – нагласи Дукоска.