КИЧЕВО

Иако никогаш не бил активен тенисер, сепак Асан Велиоски повеќе од три децении целосно е преокупиран со оваа игра, која е многу популарна во целиот свет. Љубовта кон тенисот Велиоски ја стекнал во главниот град, каде што често ги посетувал терените на ТК Југ и каде што добил тренерска диплома, која денес му помага во родното Кичево да им го пренесува своето знаење на младите генерации, каде што, покрај тоа што подучува млади таленти, тој во исто време води целосна грижа за единствениот земјен тениски терен во градот, во кругот на поранешниот Дом на АРМ. Секогаш спортски облечен, Велиоски и на 76 години во зима можете да го сретнете крај неговото омилено катче, тенискиот терен.
– Љубовта кон тенисот ја стекнав пред повеќе од три децении кога живеев во главниот град и каде што често престојував на тениските терени на ТК Југ. Таму добив лиценцирана диплома за тениски тренер, која денес ми помага да ги подучувам младите со оваа прекрасна игра. Во изминатиот период сум работел со голем број млади, кои со моја помош ги совладале тајните на тениската игра. Имаше години кога подучував и по 30 деца од помала возраст, со кои постигнував завидни резултати на државни, па дури и на европски натпреварувања. На мое изненадување, пред десетина години падна интересот кај младите за тенисот во нашиот град, но последните три-четири години интересот повторно бележи значаен пораст кај младите во нашиот град – вели Асан Велиоски, кој со часови може да ви зборува за доживувањата на тенискиот терен и за средбите со младите од градот.

Посебно поглавје во неговиот живот во изминатите повеќе од три децении, претставува грижата за тенискиот терен, кој во секое време е во беспрекорна форма.
– Бидејќи живеам многу блиску до земјениот тениски терен, во една пригода пред многу години, си реков, зошто овој терен да не го средам и да не го спасам од целосна пропаст, за истиот тој да почне да им служи на младите таленти од градот. Бидејќи теренот се наоѓа во кругот во поранешниот Дом на АРМ, мојот интерес за негување на овој терен го забележа и тогашниот командант на касарната, кој импресиониран од мојата желба максимално да се грижам за теренот, им препорачал на луѓето што тогаш работеле во домот да не ме спречуваат тука да престојувам подолг период и да водам грижа за тенискиот терен, која трае повеќе од три децении. Впрочем, теренот е основниот предуслов за да играте тенис, а кога тој е одлично подготвен, условите за квалитетен тенис се уште поголеми – вели Велиоски, кој секојдневно со часови е крај неговото омилено катче, го негува како мало дете и им ги пренесува тајните на тениската игра на најмладите во градот.

Тој единствено жали што нема и покриен терен, односно сала за тенис, каде што младите би ги подучувал во текот на целата година.
– Навистина многу ми е жал што немам услови во текот на зимата децата да ги подучувам на тениската игра, бидејќи отворениот терен најдолго може да се користи 6-7 месеци, по што следува подолга пауза, а тој прекин негативно се одразува врз формата на овие млади таленти. Соочени со овој проблем, мора да се помириме со фактот дека ќе работиме 6-7 месеци, а во преостанатиот дел од годината, кој како ќе се снајде – заврши Велиоски, кој има 76 години.