Денес се навршуваат 38 години од почетокот со работа на Центарот за култура „Кочо Рацин“ Кичево.Отворањето на новоизградениот објект го одбележа оперската претстава „Кавалерија рустикана“, а големата сала беше претесна да ги прими сите оние кои повеќе од љубопитство беа присутни во салата со намера да го видат одблизу доолгочекуваниот храм на културата, како што во тоа време го нарекоа Центарот за култура, отколку да ја проследат оперската претстава.
-Како да беше вчера, а изминаа полни 38 години од пуштањето во работа на новиот Центар за културата во нашиот град. Имавме впечаток како да сме на друго место, а не во наше Кичево, се блескаше од убавина во новоизградениот објект, кој во голема мерка ги промени навиките на нашите сограѓани –се присетуваат на денот на отворањето на Центарот за култура, поранешните играорци од „Нико Пусоски,“Драган и Лубе , членови на првото Културно уметничко друштво во градот, формирано пред скоро седум децении.
Од тој ден до денес во овој центар со одржани на стотици изложби,концерти ,промоции, кино претстави,театарски претстави, политички собири и што уште не.На сцената на центарот гостувале еминентни ансамбли како „Танец“,„ Коло“, АКУД од Софија, голем број музички имиња од Балканот и цел свет. Под истиот покрив денес работат и Работничкиот универзитет, Народна техника, КУД „Рацин“, ликовниот клуб, а тука своето место го пронајде и градската библиотека со името на големиот поет.