Триесетина деца на возраст од две до шест години, од три објекти – „Пчелка”, „Синоличка” и „Кокиче”, за време на викендот се пожалиле на симптоми повраќање, дијареја, болки и грчеви во стомакот и температура, според првичните информации на надлежните од градинката „Ангел Шајче”.
Директорката на градинката, Марина Алексовска, изјави дека ги чекаат податоците од анализата на надлежните од Државниот санитарен здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство и на епидемиолошката служба од Центарот за јавно здравје Куманово, кои сè уште се во објектот „Пчелка” и земаат брисови и потребни материјали за епидемиолошкото истражување.
Во објектот „Пчелка“ се подготвувала храната за потребите на децата од овие три градинки, која од денеска официјално е затворена за работа, како што соопштија денеска и надлежните од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Дел од родителите ги одвеле децата на лекување во Скопје.
Од надлежните институции најавија детални информации по добиените резултати од земените брисови, мостри од храната и по целосната епидемиолошка анализа.