Велес
Општина Велес е треторангирана на конкурсот за најекоопштина за 2019 година на „Пакомак“ и Шпаркасе банка, додека, пак, општините Берово и Кавадарци се прво и второрангирани.
Овие три општини покажале најдобри резултати во трите категории врз основа на кои жирито го вреднувало еколошкиот придонес на секоја од општините. Вреднувањето се реализирало според строги критериуми: по бројот и квалитетот на екопроектите реализирани во текот на минатата година, според одвоениот буџет за екологија по жител и зеленило, како и за соодветното менаџирање на вкупниот генериран отпад на ниво на општина.
За сите три општини, „Пакомак“ и Шпаркасе банка обезбедуваат пригодни награди, кои се во корист на заедницата, но истовремено и го поттикнуваат активното учество во борбата за почиста животна средина. Наградите во вид на донација ќе бидат доделени во текот на октомври. Општина Велес добива една инфотабла и 62 садници, обезбедени од „Пакомак“ ДОО Скопје, во соработка со „Балкан екоинститут“, со вкупна вредност од 38.683 денари, без вклучен ДДВ.