Полноводната Треска најмногу го оштети цевководот токму на местото каде што тој започнува и од каде што потоа подземно продолжува во поголемиот дел од површините од „Кичевско поле“
Интензивни врнежи од дожд што во текот на февруари и март ја зафатија нашата земја направија многу штети, од поплави на ниви и ораници до шупи и подруми, а надојдената Треска тешко го оштети цевководот од хидросистемот за наводнување „Кичевско поле“.
Така, полноводната Треска најмногу го оштети цевководот токму на местото каде што тој започнува и од каде што потоа подземно продолжува во поголемиот дел од површините од „Кичевско поле“. Ако во меѓувреме не се преземат соодветни мерки, земјоделците од овој крај ќе останат без вода за наводнување на своите култури, кои бараат редовно наводнување.
– Врнежите што во овој регион пролетва ги имаше со полн интензитет, покрај тоа што поплавија повеќе ниви и ливади, ја засилија Треска, што тешко го оштети и цевководот од хидросистемот „Кичевско поле“. Оштетувањето се случи поради тоа што надојдените води од реката на повеќе места го подјадоа речното корито, и тоа токму на оние делови каде што поминува цевководот од овој хидросистем. Поради овие оштетувања на цевководот може да се случи површините што се наводнуваат од овој хидросистем летово да останат суви и без неопходното наводнување. Инаку, со овој хидросистем стопанисува претпријатие од Охрид и тоа ќе треба што поскоро да интервенира и да го санира оштетениот дел за да не се доведе во прашање наводнувањето на над 1.200 хектари површини што се засадени претежно со градинарски култури, како што се пченка, грав и компир – истакнаa од подрачното одделение на Министерството за земјоделство во општината Кичево.