Сопственици на трговски и угостителски објекти во близина на автобуската станица во Тетово велат дека општинските власти со години не реагираат на нивните поплаки за излевање на атмосферската канализација во која има и фекални води. Тие се сомневаат дека во тој дел од градот како и на други места канализацијата од домаќинствата е приклучена на атмосферската па затоа иако нема дождови, се случува да извира нечиста течност со непријатен мирис.
-Постојано има истекување на валкана вода од шахтите. И кога врне и кога не врне дожд. Смрди. Муштерии влегуваат во дуќаните со кал на чевлите откако ќе поминат. Нема некогаш каде да поминат-вели сопственик на продавница.
-Сме побарале од општина неколку пати да дојдат и да преземат мерки. Никој ништо не направил. Зарем треба ние да преземеме радикални мерки па да го блокираме патот до автобуската да не можат луѓето да патуваат – вели продавачот од соседниот дуќан.
Од работната организација „Водовод и канализација“ при ЈКП Тетово објаснуваат дека повеќе фактори влијаат за состојбите со канализацијата во градот. Сметаат дека и граѓаните кои несовесно постапуваат имаат одговорност.
-Кај канализацијата има проблеми. Луѓето фрлаат се што треба и не треба. Доаѓа до запушувања. Посебно е изразен проблемот кога има дождови. Потребни се неколку часови за се да се расчисти и да продолжи нормален тек на истекување на атмосферските води-изјави Самедин Абедини од работната организација „Водовод и канализација“.
Во близина на автобуската станица во Тетово е и железничката. Комплексот има и 50-тина дуќани. На само помалку од 200 метри во правец на центарот се наоѓа спортско-рекреативниот центар и Жена парк со детско игралиште со голема фрефренција на луѓе.
А.С.