Синдикатот на тетовските пожарникари одржа прес-конференција на која објавија и обвинија дека општина Тетово е меѓу ретките во Македонија која не им дава плати согласно одредбите од законите за пожарникарство и за работни односи. Тие бараат корекција на платите, обештетување на неисплатеното досега како и подобри услови за работа, односно да добијат нова опрема наместо донирани користени заштитни средства и слично.
-Основната дневница кај пожарникарите за државен празник треба да биде плус 150 отсто, а за нас е само 42 проценти. Ако за денови од викенд и ноќна работа треба да биде 40 отсто кај нас е 29 проценти. Пример во комуналното претријатие овие износи се како што треба пресметани во платите. Не може да се очекува од нас да гасиме пожари и да спасуваме луѓе и имот со опрема добиена од донации – истакна Игор Симовски, заменик претседател на синдикалната подружница во пожарна Тетово при Независниот синдикат на јавна администрација.
Претседателот на синдикатот Сашо Мишевски вели дека се одлучиле на ваков чекор бидејќи на три пати до сега се обиделе да ја запознаат градоначалничката и советниците но биле одбивани за средба.
-Се насобраа многу проблеми. Последен пад нова опрема за гасење и личната заштитна опрема имаме од 1999 година. Оттогаш се добива опрема за заштита од донации од странство. Што се однесува за лична работна опрема седум години немаме ниту едно парче. Корекции на плати само во Тетово нема според законските одредби-вели Мишевски.
Сега и на суд ќе се обидат да оставарат дел од барањата.
-Преку синдидактот ние имаме адвокат и вештак кој паралелно со вештак од Општина Тетово работат на усогласување. Знаеме само дека вештакот на општина Тетово ги прифатил барањата за корекција на платите, додека на три барања не одговориле па ќе одиме со тужба до суд-рече Симовски.
На прес-конференцијата беа тројца пожарникари, а истакнаа дека од 56 работници со решение 49 се членови на синдикатот. Ако не се исполнат барањата ќе поднесат иницијатива, тетовската пожарна наместо под општинска капа да се врати под надлежност на централната власт.
А.С.