До завршниот дел на манифестацијата „Избираме најуспешни битолчани“ за 2019 година, остануваат уште само нецели три дена. На три дена пред официјалниот избор на најуспешните битолчани, организаторот на манифестацијата, „Битолски весник“ ги заврши сите подготовки за Изборот.

Битолски весник ги заврши сите подготовки и годинашниот избор на најуспешните битолчани, како и во сите претходни 20 години, така и оваа да помине во незаборавна атмосфера, која покрај добитниците на признанијата долго време ќе ја паметат и присутните во ресторанот „Вавилон“.

Влезниците за манифестацијата се веќе одамна распродадени. И најголемиот ресторан во Битола, кој собира над 800 гости стана претесен да ги прими сите битолчани кои сакаат во живо да ја следат манифестацијата. Годинава покрај за присуството на завршниот дел на манифестацијата огромен беше интересот и за признанијата на „Битолски весник“. Во изминатите два месеци над 120 битолчнаи конкурираа за едно од признанијата.

Ќе се избираат најуспешните битолчани, кои со своите успеси и резултати во 2019 година се афирмирале себеси, но ја афирмирале и Битола во неколку категории: образование, наука, невладини организации, стопанство, занаетчиство, политика, естрада, здравство, култура, а ќе бидат доделени и наградите „Ајри Демировски“ во во чест на авторот на песната „Битола мој роден крај“, за животно дело и трајни вредности. Годинава по втор пат ќе биде доделена и највискокото признание на манифестацијата, „Гран при“, која минатата година ја освои адвокатот Тома Фила.

Поради големиот интерес за манифетацијата, која битолчани одамна ја споредуваат со доделувањето на „оскарите“ во Холивуд, Битолски весник обезбеди директен пренос на ТВ Тера. Инаку годинашната манифестација „Избираме најуспешни битолчани“ е 21 по ред која, традиционално, се одржува последниот петок во февруари. Досега редакцијата на „Битолски весник“ има наградено над 800 битолчани, кои со своите резултати и успеси ја овековечиле Битола.

М.М.