Ниските температури и студеното време кои во земјава беа присутни во поголемиот дел на јануари, придонесоа залихите на огревно дрво кај домаќинствата во Кичево забрзано да се трошат и, по неколку релативно топли зими и намалена потрошувачка на огревно дрво, годинава состојбата e сосема спротивна и сите се во мала дилема, дали постоечките залихи ќе бидат доволни за да ја протуркаат грејната сезона.
-Последните неколку години имавме топли зими, во кои потрошувачката на огревно дрво беше нешто помала, но годинава зимата како да сака да ни наплати за последните неколку години. Во изминатите четири недели потрошивме толку дрва колку што трошевме последниве неколку години за месец и половина или двојно повеќе. И ако продолжи студеното време, се плашам дека и пред завршување на грејната сезона ќе останеме без планираните залихи-вели Трајан Велкоски, граѓанин на Кичево.
Неговите искуства од оваа зима ни ги предочија и други граѓани, кои стравуваат од можниот недостаток на огревно дрво во март и април, ако температурите останат на јануарско ниво подолг период.
-И за оваа зима набавивме огревно дрво колку и претходните години од 13 метри кубни. Но ако претходните релативно топли зими ни остануваше по кубик-два, зимава благодарение на екстремно ниските температури количините на огревно дрво се трошат побргу од планираното, а тоа може да придонесе да бидеме во кусок во еден дел од грејната сезона-додава Аце Митрески, пензионер од Кичево.
Што се однесува до понудата на огревно дрво таа не е преголема, бидејќи од малубројните складишта и во овие зимски денови граѓаните ги надополнуваат залихите на огревно дрво, за да не останат пократки во текот на пролетта. А поради снегот и непристапните терени во планините, залихите по стовариштата не можат да се надополнат и токму затоа може да се јави дефицит од огревно дрво.
-За да не останеме без дрва во дел од грејната сезона, дополнително набавивме уште три кубика дрва во екот на зимата, кои можат да бидат драгоцени ако продолжи студеното време или пак ќе ни останат како залиха за следната сезона, ако затопли времето нешто порано како лани, кога престанавме со греење уште на почетокот на април- рече Стојан Стојаноски, граѓанин кој во својот стан затоплува една просторија, а користи и греалка за друга просторија.
Инаку проблемите со забрзано трошење на залихите на огревно дрво не е проблем само во Кичево, туку во сите градови во земјава каде дрвото се користи како главен енергенс.